Дури 80 проценти од граѓаните од свој џеб си ги плаќале лековите кои им ги дале лекарите
Плаќаат здравствено осигурување, а од свој џеб си ги купуваат неопходните лекови. Анализата на СЗО покажува дека во 2018 година дури 80 проценти од македонските граѓани приватно си ја платиле терапијата дадена од лекар, што 42 отсто од вкупните трошоци за здравство и е далеку од европскиот просек кој изнесува 22 проценти.
- Јасно ми е дека повеќе од една деценија нередовното ажурирање на позитивната листа го попречува вклучувањето на веќе воспоставените, но и нови терапии кои станаа стандардни во клиничката пракса на други места што се достапни во многу други земји во европскиот регион. Ова секако влијае врз луѓето и резултира со трошоци. Јасни ми се и предизвиците со кои се соочувате во ажурирањето на позитивната листа и дека тие вклучуваат долги процеси, како и недоволно финансирање за лекови, изјави Наташа Азопарди Мускат, директорката за здравствени политики и системи во канцеларијата на СЗО за Европа.
Од СЗО констатираат дека последните години покриеноста со лекови во земјава драстично е подобрена, но трошоците на граѓаните за потребната терапија се уште се големи. Со овој проблем се соочуваат речиси сите помали земји вклучително и Македонија поради парите за нови лекови на државен трошок, но и неисплатливоста на компаниите да ги пласираат производите на мали пазари.
Министерот за здравство рече дека државата ќе ја искористи експертската и техничка помош од СЗО за идното проширување на листата со нови 2-3 лека за околу 4 месеци.
- Ние подготвуваме платформа заедно со СЗО која што ќе обезбеди транспарентност на целиот процес при идното проширување на лековите. Исто така, препораки ќе имаме од СЗО, меѓутоа и од експертите внатре во државата. Ние би сакале сето тоа проширување на позитивната листа да биде што потранспарентно и што посеопфатна, тоа што најмногу им треба на граѓаните со што би ги намалиле, што помалку трошоците на нашите пациенти и граѓани, рече Арбен Таравари, министер за здравство.
После 15 години, од понеделник граѓаните во аптека ќе можат на товар на Фондот да подигаат 9 нови лекови за болести на срце и крвни садови – против висок притисок и покачени масти, антидепресиви, за третирање на деменција и антиагрегациона терапија. Годишно од здравствената каса ќе се одвојуваат околу 1 милион евра.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар