Балкан
2. September 2016 - 12:47

Во Турција формирана Османлиска партија

Во Турција е формирана Османлиска партија, која ќе биде 91-та политичка сила во земјата, информираа весниците „Милиет“ и „Хуриет“.

Грбот на новата партија е на црвена основа со истакната бела полумесечина, над кои се напишани арапските букви Елиф и Вав, а паролата на новата партија е „Турција лидер“.

Претседателот на партијата Ибрахим Јуние објави дека неговата политичка формација во краток рок ќе ја изгради партиската структура низ цела земја и јасно порача дека целта е да учествуваат на избори.

Јуние, исто така, кажа дека Османлиската партија ќе ја промени политиката во Турција и дека веќе „ништо нема да биде како порано“.

Тој ја информираше јавноста дека во следните неколку дена раководството на партијата ќе се собере на советување и обука, по што ќе информира за своите идни проекти.