Македонија
12. May 2024 - 19:54

Гордана Силјановска Давкова положи заклетва во Парламентот и ја презеде функцијата претседател

Се обврза дека должноста ќе ја извршува совесно и одговорно, ќе го почитува Уставот и законите ќе го штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија – Гордана Силјановска Давкова даде заклетва пред пратениците, по што и официјално стана претседател на Македонија. Повторувајќи ги зборовите од заклетвата кој ги читаше собранискиот спикер, Силјановска Давкова не го користеше уставното име Република Северна Македонија, туку употребуваше само Македонија.

Посветувајќи го својот прв говор како претседател на Македонија на жените, Силјановска Давкова порача дека сега е време за единство. Нема да ги дели граѓаните по никаква основа за време на нејзиното раководење.

- Ќе го почитувам овој парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги помнам само добрите, ќе бидам претседателка и на левата и десната страна, на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив по етничка, верска, полова ни по која било друга основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само најубав подарок за мојот роденден, туку и најголема обврска и одговорност, истакна Силјановска-Давкова на инаугурацијата на 151 седница на Собранието

Новата претседателка истакна дека за време на својот мандат, приоритет ќе стави на стручноста и компетентност, а владеење на правото е тоа што оваа држава, ќе ја направи европска. Побара од пратениците да имаат разбирање за нејзините обраќања и одлуки, но и за нејзино евентуално вето.

„Во ова собрание, јас законите ќе ги читам и ќе се обидам да укажам на женски начин дека не мора да дојде до вето, дека преку обраќањето ќе може да направиме некои корекции. Кога ќе именувам или предлагам, ќе ги ценам стручноста и компетентност. И на крајот, владеење на правото е тоа што може да ја направи оваа земја европска држава“, рече Силјановска-Давкова.

Говорот на Силјановска Давкова на свечената седница во Собранието го слушнаа пратениците од стариот состав, владата во заминување, поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, сопругата на починатиот претседател Борис Трајковски, лидерите на политичките партии, претставници на државните институции. Но не и останатите претседатели Бранко Црвенковски и Стево Пендаровски. Пораките кои новата претседателка ги испрати со доаѓањето на позицијата ги слушнаа и амбасадорите во земјава.

По заклетвата во Собранието, претседателката Силјановска-Давкова на свечена церемонија со највисоки државни и воени почести, во Кабинетот на Претседателот во „Вила Водно“ ќе ја презема функцијата од досегашниот претседател на државата, Стево Педаровски, со кого имаше и кратка средба. 

Со мандат до 2029-та година Гордана Силјановска-Давкова ќе биде шести претседател и прва жена на оваа позиција од осамостојувањето на државата.