Македонија
12. May 2024 - 17:12

Ни Северна, ниту Република: Силјановска се заколна во Македонија - стигнаа реакциите

Не употреби ниту Северна, ниту Република, Гордана Силјановска Давкова се заколна само во Македонија.

Грчката амбасадорка во државата поради овој потег на претседателката реши да протестира, па ја напушти собраниската сала среде заклетва. Од грчката амбасада се децидни дека, Филипиду постапувала по инструкциите на грчкото МНР. 

Од ДУИ пак ја обвинија Силјановска Давкова дека го прекршила Уставот уште со нејзината прва реченица. Говорот и бил како за 8-ми март, а веднаш создала и криза со Грција. 

Билјана Ванковска преку социјалните мрежи ја предизвика својата опонентка од првиот круг на претседателските избори да упати раскинувачка нота до Атина. 

„Убаво што не спомнала Северна, ама мене ме жеже и пече она Северна на сите документи, патокази, дипломи, печати… Не е Сирма војвода таа што својот проблем ќе го реши, додека цел народ стенка од него.

Ако е јунак, ќе упати раскинувачка нота до Атина“, и порача Ванковска на Силјановска Давкова.

Министерот за правда вели дека непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Силјановска. 

„Или повторување на постапката или функцијата претседател на државата треба да ја преземе Јован Митревски (претседател на собрание)“, како В.Д., стои во реакцијата на Лога.
 
До овој момент други реакции од политичките партии за употребата на старото уставно име на новата претседателка нема.

Гордана Силјановска Давкова е шестти по ред претседател на Македонија, а воедно и првата жена шефица на државата.