Македонија
26. September 2015 - 10:16

Во Куманово прикажана ревијата "Современата мода инсприрана од 50,60 и 70-те години од 20 век"

Модната ревија „Современата мода инспирирана од модните трендови на 50, 60 и 70-те години на 20. век“ во организација на НУ Музеј од Куманово, вчеравечер беше прикажана пред кумановската публика во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Кумановци имаа можност да проследат и да се потсетат на модните трендови карактеристични за градската мода која ги одбележала трите децении по втората светска војна.

На ревијата беше презентирана и современата колекција насловена „Славна птица“ на дизајнерите Александар Рашковиќ и Филип Митевски, инспирирана од 50 и 60-те години на минатиот век. Средношколци и млади од Куманово ги презенираа креациите пред публиката во Центарот за култура. Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

Авторот на проектот, Анита Ѓорѓиевска виш кустос, етнолог во кумановскиот музеј, изјави дека во во 50,60 и 70-те години модата се менувала согласно економските прилики во дадените децении.

- Успешно ја прикажавме модата и трендовите од 50,60 и 70-те години на 20 век, кои биле карактеристчни за градот Куманово. Публиката имаше можност да ги види модните стилови присутни во градот и за миг се вративме во едно подзаборавено време, но сепак останато во сеќавањата на градските семејства, изјави Ѓорѓиевска.

Директорката на кумановскиот музеј Анита Цветановска изјави дека станува збор за проект кој е продолжение на проектот „Од Ала Франга до современата мода“ и потсети дека за овој проект кумановскиот музеј беше и награден на Меѓународниот фестивал во Созопол.

-Модата од овој период не треба да биде оставена во музејските депоа, туку напротив треба да биде презентирана пред пошироката јавност, изјави Цветановска.

Дизајнерите Александар Рашковиќ и Филип Митевски ја презентираа новата модна колекција која е инспирирана од модата од 50, 60 и 70-те години на минатиот век.

- Карактеристична за тој период за модата е женственоста, различните материјали и нестандардната должина, изјави дизајнерот Рашковиќ, кој додаде дека во современата колекција се употребени елементи од тој период како инспирација, но и дека се вметнати особености на високата мода.

Дизајнерот Митевски додаде дека очекува и во наредниот период да учествуваат во слични проекти.

Модната ревија „Современата мода инспирирана од модните трендови на 50,60 и 70-те години на 20 век„ првин ќе прикажана во Македонија, а потоа и во Љубљана и во Созопол.