Loading Video...
Македонија
18. December 2024 - 16:33

Самит на ЕПП во Брисел, неизвесна средба Мицкоски - Борисов

Во пресрет на Состанокот на Европскиот совет, лидерите на Европската народна партија утре во Брисел ќе седнат на заедничка маса за да ги договорат деталите. Според најавите проширувањето на Унијата ќе биде во фокусот на резговорите на европските лидери. Како сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ на состанок ќе ја претставува премиерот Христијан Мицкоски. 

На дневен ред ќе бидат подготовките за Европскиот совет на 19 и 20 декември, како и темата за проширувањето. Претседателот на ЕНП Манфред Вебер и генералниот секретар на ЕНП Танасис Баколас ќе бидат домаќини на Самитот, стои во објавата на ЕНП.

Иако нема најава од македонската влада, на Самитот не е исклучена и билатерална средба на премиерот Мицкоски со Борисов,како бугарски претставник. Лидерот на ГЕРБ пред заминувањето за Брисел изјави дека телефонски се слушнал со новиот претседател на ЕС Кошта велејќи дека многу процеси за Македонија се одвивале без учество на Бугарија бидејќи нема стабилна влада.

Со Кошта претходно се слушнал и бугарскиот премиер Главчев кој порачал дека без уставни измени нема да има европска иднина за Македонија. 

На Самитот на Европската народна партија која го има мнозинството во Европскиот парламент, присуството го потврдиле и шефицата на ЕК, Фон Дер Лајен, претседателката на ЕП Мецола, грчкиот премиер Мицотакис, српскиот претседател Вучиќ, полскиот Доналд Туск, хрватскиот Пленковиќ и други.