Македонија
7. јуни 2016 - 13:33

Во Кочани потпишан договор за нови „Форуми во заедницата“

Градоначалникот на општина Кочани Ратко Димитровски денеска  го потпиша договорот со Швајцарската агенција за развој и соработка за програмата „Форуми во заедницата“ што ќе се реализира во Кочани од септември до февруари идната година. 

Со оваа програма општина Кочани добива 825 илјади денари наменети за организирање форуми кои претставуваат поддршка на општините и вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки на локално ниво.

- Тоа значи вклучување на граѓанската заедница, како што имавме и досега. Вклучувањето на граѓаните во форумите ја означува комуникацијата со нив како и транспарентноста во работењето. Очекувам и на овој начин ги поканувам сите наши граѓани да се вклучат во форумите, за да можеме буџетот за 2017 година што потранспаретно да го донесеме, изјави градоначалникот Димитровски.

На форумите граѓаните учествуваат давајќи бројни предлози за приоритетните проекти,  од кои потоа дел се реализираат. Во изминатите години Кочани реализираше неколку значајни проекти во сферата на инфраструктурата, водоснабдувањето и комуналното уредување.