Ќе останат ли без фактори за коагулација лицата со хемофилија?
Лицата со хемофилија стравуваат дека ќе останат без фактори за коагулација на крвта што за нив живот значат. Од здружението “Хемолог” алармираат дека се доцни со тендерот кој требало да биде распишан уште пред нова година, бидејќи договорите од претходната двегодишна набавка на оваа терапија важат до март.
И во меѓувреме веќе имало недостиг на одредени фактори. Прашуваат што доколку се одолговлечи тендерската постапка, а некој од пациентите има крварење поради повреда или сообраќајка?
-Ни беше кажано дека ќе бидат потпишани анекси со фирмите добавувачи на фактори кои ни се потребни. И анексите многу доцна се потпишаа. Се потпишаа на 30.12.2024 година, а сега се навестува дека допрва тендерот за 2025 ќе биде објавен и денес да се распише, а кај нас знаете колку бавно одат тие процедури до 1 март нема да имаме соодветна терапија, изјави Цветанка Накеска, претседател на Здружение на лица со хемофилија, фон Вилебранд и ретки коагулопатии – ХЕМОЛОГ.
Директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Ељези вели тендерот се уште не го распишале бидејќи чекале одобрување на буџетот од Фондот. Имале најави дека ќе добијат повеќе пари за посовремени фактори за коагулација и најавува дека ќе ја почнат постапката за јавната набавка во најкраток можен рок.
И министерот за здравство е запознаен со неизвесноста во која се наоѓаат лицата со хемофилија. Тој уверува дека тендерот ќе бил распишан до крајот на неделата, во спротивно ингеренциите за набавка на факторите неопходни за хемофиличарите ќе ги презело министерството наместо трансфузиологија.
-Да се надеваме дека нема да има компликации. Ако нешто се случи, мин истерството ќе преземе обврска да набавува фактори, но ајде да не се наметнуваме и се надеваме дека директорот ќе распише тендер до крајот на неделата, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Во Македонија потреба од фактори за коагулација имаат поивеќе од 200 лица, а тие, посебно 8-цата на хемофиличарите им е неопходна да им сопре крварењето.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар