Македонец меѓу екстремистите од терористичката ќелија која планирала напад врз цивили
Конвертиран Македонец меѓу исламските есктремисти од терористичката келија чии четворица членови беа уапсени во четвртокот, а четворица на средината на декември минатата година. Засега е непознато кога и каде тој бил екстремизиран. Според информации на Сител, во групата има повратници од боиштата во Сирија каде се бореле на страна на терористичката организација Исламска држава.
Групата планирала терористички напад врз т.н. меки цели, односно објекти каде главно има цивили. Според наши информации, групата била во напредна фаза на планирање на нападот.
Истражните органи до неа дошле преку социјалната мрежа Телеграм со помош на странска разузнавачка служба. Пробиени се каналите на Телеграм каде припадниците на групата ширеле пропагандни материјали од ИСИС, договарале купување на огнено оружје, а ги користеле и за регрутирање на нови членови.
Келијата делувала од позиција на идеолошката матрица на ИСИС. Во каналите на Телеграм биле споделувани пропагандни материјали кои доаѓаат од официјалните медиуми кои ги користи оваа терористичка организација. Материјалите биле преведувани на албански јазик, но биле споделувани и оригинално на арапски. Според наши информации, членовите имале различни улоги. Дел требало да извршат напад, но дел се грижеле за собирање финансии и логистика.
Келијата е разбиена во два наврати. Специјалните единици на МВР првично извршија апсења во Струга и Гостивар. При тогашните претреси бил пронајден само еден пиштол со празна рамка, но истражителите одзеле мобилни телефони, лап топ компјутери, пропагандни материјали.
Во вториот бран апсења во Скопје и Гостивар кои се случија во четвртокот пронајдена е и автоматска пушка и пиштол, но и компјутерска опрема и телефони кои сега ќе треба да бидат вештачени за да се види дали можеби келијата брои и други членови.
Во 2015 и 2016 беа спроведени акциите „Келија 1“ и „Келија 2“ во кои беа опфатени вкупно 47 луѓе. Меѓутоа, од 36-те во „Келија 1“ дури 25 тогаш не беа достапни за истражните органи.
Во 2021. разбиена беше терористичка келија од Куманово. Кај тројцата членови полицијата тогаш пронајде цел арсенал оружје, но и самоубиствен елек со експлозив.
Главен проблем е што државата нема механизам за ресоцијализација на повратниците од боиштата во Сирија. Учество во странски војски е казниво со затвор, но освен решетки, државата нема ниту начин, ниту механизам како овие лица да ги одврати од екстремистичките гледишта.
Дел од повратниците од боиштата во Сирија, според информации на Сител, се јавуваа и во улога на ликвидатори во мафијашките пресметки меѓу нарко-клановите Грчец и Беланоца.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар