Македонија
21. November 2015 - 9:48

Во Битола одбележан Меѓународниот ден на детето

Центарот за човекови права „АМОС“ – Битола, дел од Меѓународната коалиција на невладини организации иницирани од страна на Фондацијата Women World Summit, синоќа во Битола ги одбележа 19 ноември – Светски ден за превенција на детската злоупотреба и 20 ноември – Меѓународниот ден на детето.

На промотивниот настан во овој град, претседателот на „АМОС“-Битола, Сашо Кочанковски, најави серија акција во функција на заштита на децата, пред се од опасностите на векот и разни злоупотреби на децата.

- Оваа година, 137 организации од сите континенти на светот бевме вклучени во кампањата - 19 дена активизам за превенција од насилство врз децата и младите, и таа се реализираше од 1 до 19 ноември. Нашата организација, како дел од оваа коалиција, ја подигнува свесноста за зависноста и злоупотребата на дрогите кај децата и младите, опасностите користењето на информативните и комуникациски технологии, жртви на трговија со деца, детска проституција и детска порнографија со цел таа да се сфати како еден универзален и алармантен проблем, нагласувајќи ја важноста на превентивните мерки на локално, национално и меѓународно ниво, истакна Кочанковски.

Одбележувањето на Меѓународниот ден на детето, Центарот за човекови права „АМОС“-Битола го одржа по 14 пат, и освен хумани пораки, на аудиториумот му беше понудена богата уметничка програма.