Живот
11. May 2024 - 19:04

„Шопен под отворено небо“ во Градскиот парк

Концертот „Шопен под отворено небо“ е во организација на Амбасадата на Република Полска во Скопје по повод полскиот национален празник Денот на Уставот, кој е еден од најважните државни празници во Република Полска. Се прославува во спомен на усвојувањето на првиот пишан Устав во Европа и втор во светот, односно правниот акт со кој се дефинираат принципите на функционирање на државата и правата и обврските на граѓаните.

Форматот на овој концерт се надоврзува на традиционалните Шопенови концерти кои се одржуваат во паркот „Кралски Łazienki" еден од најубавите паркови во Варшава, каде што веќе 65 години во летната сезона, пред споменикот на Фредерик Шопен се организираат рецитали на врвни пијанисти од земјата и од странство, кои под отворено небо ја изведуваат музиката на овој истакнат полски композитор.

Фредерик Шопен (1810-1849), со право се смета за еден од најголемите композитори и пијанисти на сите времиња. Неговиот пристап кон музиката, тежнеејќи на мелодијата да и даде целосно право на владеење, особено во делата за пијано коишто ги има навистина во голем број, го направи и најславниот романтичар меѓу композиторите.