Македонија
18. December 2019 - 18:04

Владиката Петар повика на очистување на духовната и душевната нечистотија

Физичката загаденост е опасна и од неа умираат луѓе во Македонија, но опасна е и душевната загаденост, вели Владиката Петар кој повика на очистување на духовната и душевната нечистотија.

-Најопасната е душевната и духовната загаденост, што е присутна кај нас. А тоа значи, прво, вредностите човечки, на душата човечка се паднати на најниско ниво, наместо вистина, на секое место се говори лага, со избрани зборови, вели г. Петар, митрополит Преспанско – пелагониски.

Во тој контекст ги посочува и денешните закони.

-Најголем дел од законите се спротивни на Светото Писмо, на Светото Евангелие, на Светото Предание, на учењето на Светите Отци на нашата Црква. Ние сме за почитување на сите закони, што се во согласност со учењето на Црквата. И категорички против сите закони што се спротивни на учењето на Црквата. Не може денеска да ни кажува некој и да не залажува дека имала слобода жената да ги убива децата во своите утроби. Тоа е ѓаволска идеја, и треба сите тие што така мислат, да си се покајат навреме, вели Владиката Петар.

Инаку денеска Битола со свечена литија низ улиците го прослави заштитникот на градот, Свети Нектариј Битолски.