Македонија
17. January 2019 - 16:06

Средба на Адеми со претседателот на претседателството на Турците во странство Абдулах Ерен

Министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми и претседателот на претседателството на Турците во странство, Абдулах Ерен, денеска договорија  потпишување на  Меморандум за соработка во областа на дијаспората.

Како што соопштија од ресорното министерство, на средбата, министерот Адеми  изразил задоволство од високото ниво на соработката со Република Турција, и ги потврдил традиционалните добри пријателски односи помеѓу двете држави. Адеми истакнал дека македонските државјани од турско потекло и турските државјани по потекло од Република Македонија уште повеќе ги зајакнуваат пријателските односи на двете земји. Во таа насока, министерот Адеми укажал на политиките на Владата на Република Македонија во градење на едно општество за сите, во која се посветува посебно значење за обезбедување правична застапеност на турската како и на другите етнички заедници на сите полиња.

Во врска со македонската дијаспора во Турција, министерот Адеми  информирал дека истите се организирани во разни друштва и организации, кои преку разни активности и проекти придонесуваат во зачувување на културата, јазикот и обичаите, во Турција и му се заблагодарил на претседателот Ерен и на Владата на Република Турција за поддршката на овие асоцијации и организаци.

Претседателот на Турците во странство Ерен ги поздравил и последните преземни активности на Владата на РМ во насока на европските и евроатлантските интеграции на земјата. Тој на средбата информирал за дејностите и активностите  на претседателството на Турците во странство и сестринските заедници (YTB).

Соговорниците размениле мислења и за заеднички предизвици со кои се соочуваат нашите земји во контекст на дијаспората и во таа насока се договорила  во наредниот период да се потпише Меморандум за соработка, со кој би се размениле знаења и искуства и ќе се реализираат заеднички проекти.