Македонија
17. May 2024 - 16:36

Таравари: Владата ќе биде договорена до петок

Разговорите за идната влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ продолжуваат, но нова средба на работните групи на високо ниво треба да се очекува дури од понеделник, велат и од двете страни на преговарачкиот процес.

Официјално и од колицијата на Мицкоски и од колицијата на Меџити, Гаши, Касами и Таравари велат дека преговорите се во фаза на усогласување на програмите, а ресори и кадир не се ставени на маса.

Сепак, од Вреди стигнуваат неофицијални информации за тоа што очекуваат од коалицискиот колач. Ако има разговори за собраниски спикер, тогаш за тоа место се споменуваат Халил Снопче и Африм Гаши, но мали се шансите со апсолутно мнозинство ВМРО-ДПМНЕ да го отстапи ова место. 

Албанскиот партнер се надева на 4 министерски позиции, од лидерите на Вреди само Меџити се споменува за во Влада, но тој засега не потврдува такво нешто. Наводно од Вреди имало барања што се однесуваат на инфраструктурни проекти, но и судски случаи. 

Владините позиции ќе зависат и од бројот на народни избраници. Мицкоски веќе објави дека има 61 пратеник, по првичните 58. Не се откриваат имиња, но партнери на СДСМ велат дека тие засега не го менуваат таборот. 

„Двајцата пратеници на НСДП, јас и Соња Мираковска , остануваме во опозиција и таа страна не ја менуваме. По конститутивната седница на парламентот ќе одлучиме само дали ќе дејствуваме одвоено од СДСМ или пак, ќе бидеме дел од таа пратеничка група“, вели Мисовски за Сител.

Неофицијално ЛДП нема донесено одлука за идниот настап во парламентот, но таму се чека вториот пратеник Боби Мојсоски кој може да седне на пратеничкото столче со прегласување и тоа може да приоднесе за самостоен настап на ЛДП во парламентот. 

На зголемување на пратеничката група работи и Вреди.

Дека промениле страна негираат и пратениците од помалите ентички заедници кои се дел од коалицијата на Европскиот фронТ на ДУИ или Европска Македонија на СДСМ.