Македонија
17. May 2024 - 16:39

ДИК се пожали на притисоци, членовите стравуваат за сигурноста

Претседателот и петмина членови на Државната изборна комисија стравуваат за својата сигурност. Во писмена реакција потпишана од Даштевски, Ристеска, Кондарко, Стојаноски, Ристовски и Демири, велат дека се загрижени од изјавите на политичките партии и високи владини функционери откако ДИК го поништил гласањето за седум избирачки места. На реакцијата не е потпишана заменик претседателката Дитмире Шеху која во Државната изборна комисија ја претставува ДУИ.

„Покрај тоа што сме лично понижувани и навредувани, исто така како членови во највисоката институција за организирање и спроведување на изборите, сме изложени и на неосновани и непримерни јавни политички притисоци и на закани за кривична одговорност поради донесените одлуки на ДИК. Следејќи го контекстот и интензитетот на нападите, прозивките и навредите, исто така сме загрижени и дека е можно истите да преминат во лични напади на нашата сигурност“, се вели во известувањето од ДИК.

Првите закани со кривична пријави за членовите на ДИК пристигнаа од Европскиот фронт предовден од ДУИ на денот кога комисијата почна со разгледување на приговорите. Синоќа, техничкиот премиер Џафери обвини дека Државната изборна комисија спроведува изборен инженеринг зад кои стоел меѓупартиски договор за гласање и надгласување додека се разгледувале приговорите. Во својата рекација ДИК наведува дека процесот бил законски и поткрепен со образложени докази за поништување на гласањето за седум избирачки места.. 

„За ДИК се неприфатливи и недопуштени нападите, притисоците и мешањето на одредени политички партии и на поединци од техничката Влада во изборните процедури, како и во работата и одлучувањето на ДИК и на Управниот суд“, велат од Државната изборна комисија. 

Од ДИК велат за нападите и заканите ја информирале и амбасадорката на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР со која се сретнале денеска.