Македонија
29. September 2017 - 15:43

Србов: Предизборната кампања излезе од демократски рамки, паднаа и првите жртви

Заев, човекот кој лажеше дека ќе ја внесе Македонија во Европската Унија и НАТО за 6 месеци, спроведува избори како во земји од третиот свет, истакна на денешната прес-конференција Никола Србов член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Предизборната кампања излезе од демократските рамки. Насилството кое стана секојдневие е резултат на немоќта на Социјалдемократскиот сојуз бидејќи се свесни за резултатите кои следат. Ваква злоупотреба на институциите во партиски цели не е видена досега. Паднаа и првите човечки жртви. Носител на независна кандидатска листа е повреден и за малку ќе го загубеше својот животот, исто како и неговиот шеф на изборен штаб. МВР наместо да презема мерки за безбедноста на граѓаните и осигурување на фер и демократска атмосфера, стои настарана и со неделувањето го поддржува насилството и вандализирањето на штабовите. МВР и Министерството за труд и социјала се главната алатка на Социјалдемократскиот сојуз за дисциплинирање и поткупување на гласачите, вели Србов.

Тој истакнува дека јавноста секојдневно е сведок на престрелки низ улиците каде жртви се неистомислениците на власта.

-Се демолираат штабови и се врши притисок. Се поднесуваат бројни измислени и монтирани кривични пријави против актуелни градоначалници и кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. На секаков начин се обидуваат да ги инцидираат уредно најавените партиски собири на ВМРО-ДПМНЕ. Партиската полиција на Социјалдемократскиот сојуз со вперен пиштол во глава врши претреси на нивните неистомисленици. Денеска можеби е веќе јасно зошто Заев од затвор ослободи личности кои во минатото окупираа територии, се закануваа со гранатирање на главниот град, вршеа терор над локалното население, затајуваа данок, шверцуваа и продаваа наркотични средства, како и личности кои беа осудени за предизвикување инциденти за време на изборен процес, посочи членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Србов нагласува дека државата и институциите се веќе целосно заробени. Луѓето чии усти беа полни со демократија сега истата ја укинаа на најбрутален начин. Вакво помрачување не било видено досега.

-Повторуваме, ВМРО-ДПМНЕ ќе алармира до сите меѓународни институции за нерегуларностите во предизборниот процес. СДС за само 100 дена влада, го врати насилството, стравот и нестабилноста кои беа белег на нивното владеење. ВМРО-ДПМНЕ на овие избори настапува со успешни деловни и семејни луѓе кои решиле да влезат во политика за да создадат нешто позитивно за нивните сограѓани. Ние сме цврсто решени да ја вратиме државата на вистинскиот колосек. Продолжуваме уште поенергично до крај, до конечна победа над она што се нарекува насилна и нелегитимна власт, додава Србов на прес-конференцијата.