Тошковски: Не е утврдена вина кај полицаецот од Куманово кој го симна албанското знаме
Одделот за внатрешна контрола во МВР не утврдил прекршување на процедурите за полицаецот кој во Куманово го симна албанското знаме од бандера на Денот на албанското знаме. По спроведената истрага, министерот Тошковски вели дека полицискиот службеник нема да понесе одговорност.
„Беше отворена истрага од Одделот за внатрешна контрола. Во рамки на утврдените дејствија, не е утврдено дека тој прекршил процедура во рамки на МВР. Подетално може да видиме што е и како е, понатаму“, рече Тошковски.
Веднаш реагираа од ДУИ. За интегративците одлуката била срамен чин и јасен знак за легализирање на дискриминацијата кон Албанците во Македонија.
Одговорноста за оваа состојба не се сведува само на етничката омраза и одмазда на Владата и на министерот Панче Точковски, туку и на нелегитимните албански претставници во владата, кои со своите континуирани манипулации и лажни ветувања ги предадоа интересите на Албанците. Нивното молчење пред овој чин и пред многу други дискриминаторски постапки претставува голем срам и предавство на националните интереси на Албанците. Сите кои се дел од оваа неправда ќе сносат одговорност пред Албанците и пред историјата, стои во соопштението на ДУИ.
По прославата на Денот на алабанското знаме на 28 минатиот месец и хаосот кој настана по улиците, поради сквернавење на македонското и на албанското знаме, беа уапсени вкупно 17 лица, голем дел од нив малолетници.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар