Тошковски изненаден што нема притвор за екс директорот на ЕСМ
Јавното обвинителство вчера официјално дознало дека екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски не е во државата. По јавните прозивки од министерот за внатрешни, кој праша зошто за Ковачевски не е побаран притвор, од обвинителството велат дека првин судот треба да ги извести дека е недостапен, па дури потоа да одлучи какви мерки за обезбедување ќе бара. Велат, така предвидел законот за кривична постапка.
„Предметните обвинители не можат прескокнувајќи постапки и институции да носат предлози или одлуки надвор од нивните законски овластувања. Во моментот кога ОЈОГОКК ќе добие известување дека осомничениот е недостапен на органите на прогонот, надлежните јавни обвинители ќе постапат согласно законските надлежности во поглед на мерките за обезбедување“
Од судот велат дека по добивање на известувањето од МВР, денеска го отфриле предлогот на обвинтиелството за одземање на пасошот на Ковачевски. Без негово присуство, недозволиво било одредување на таква мерка за обезбедување.
„Судија на претходна постапка може да постапува и да донесе решение за прифаќање на предлог на Јавен обвинител, без да биде сослушано осомниченото лице, само доколку за истото е предложена мерка притвор, но не и кога против истото лице се предложени мерки за претпазливост, како во конкретниот случај и истото лице воопшто не е лишено од слобода и спроведено во судот да се произнесе за предлогот како што налагаат одредбите од ЗКП“
Претходно, за овој случај судот одреди притвор за деветмина, а патните исправи им ги одзема на 13 лица.
За министерот Тошковски нејасно е зошто обвинителството не побарало мерка притвор за Ковачевски и покрај известувањата дека тој не е достапен за полицијата.
Со случајот Адитив се осомничени 23 лица за кои обвинителството истражува злоупотреби на јавни набавки за потребите на тероелектраните Битола и Осломеј.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар