Македонија
10. July 2024 - 16:41

Спасени три 16-годишни момчиња кои повеќе од четири часа биле заглавени на островче на реката Треска

Три 16-годишни момчиња синоќа скоро четири часа останале заробени на островче од песок на средината на надојдената река Треска во близина на скопски Сарај. Четири часа биле потребни спасувачките екипи да стигнат до островчето.

Момчињата седеле на брегот на реката и разговарајќи не забележале дека на реката наеднаш и се зголемило и нивото и брзината, поради испуст на водата од хидроцентралите „Матка“ и „Козјак. Од самиот песок и од водата се формирало островче и таму чекале околу четири часа да бидат спасени. Немале можност да преминат на безбеден брег бидејќи биле опкружени од двете страни со силна и брза вода.

 Но поради брзината на Треска, ниту спасувачките екипи на МВР не можеле со чамец да пристигнат до местото. Од ЦУК побарале да се запре истекот на вода од хидроцентралите.

Од Центарот за управување со кризи алармираат граѓаните да не се задржуваат во тие предели на реката Треска, бидејќи секојдневно наеднаш се зголемува нивото и брзината на реката, поради произведувањето електрична енергија од хидроцентралите.

Во околината каде што беа затекнати момчињата нема обележја дека нивото на рекатаво одреден дел од денот се зголемува.