Македонија
29. July 2024 - 16:37

Мицкоски: Која е причината Бугарите да бидат во Уставот?

Ако има желба, има и начин за промена во преговарачката рамка, смета премиерот по изјавите на европските претставници дека нема простор за смена на условите под кои Македонија ќе ги води преговорите со Брисел.

Според Мицкоски, решение за проблемот е одложена важност на уставните измени, а како што вели, за тоа разговарал со сите меѓународни политичари. Смета дека блокадата за членство во ЕУ е деценска, а изјавите дека постои желба земјата да биде во ЕУ, биле само декларативни.

„Повеќе од 2,5 децении ние зборуваме за Европска иднина и секогаш има уште нешто. Треба, истите тие кои тоа ни го кажуваат да ни кажат дали сметаат на нас, ама не декларативно, туку да покажат со дела. Ако сакаат да покажат со дела, еве начин, им дадовме начин. Одложеното дејство е еден од начините. Која е причината Бугарите да бидат дел од нашиот устав? Нека ми објасни некој која е причината и зошто тоа го прифатиле? Дали нечии права се нарушени? Што ќе правиме со 14 пресуди за правата на македонците во Бугарија? Треба за тоа некој да ми даде одговор“, изјави Христијан Мицкоски, Претседател на Влада.

Во меѓувреме, по изјавите дека Македонија ќе се откаже од изградба на железничката пруга кон Бугарија, официјална Софија потсетува дека тоа е меѓународен проект финасиран од ЕУ за поврзување на Јадранското со Црно море.. Ја повикуваат македонската влада да постапува одговорно кон преземените обврски и навремено да ја заврши трасата од како што велат, Трансевропскиот коридор 8.

Мицкоски пак повика Бугарија да не го политизира проектот.. Очекува гаранции дека пругата нема да заврши во непробиен тунел.

Според бугарските власти, изградбата на пругата до македонската граница е дел од националната програма за модернизација на железницата која ќе се спроведува до 2027та година.