Македонија
8. September 2024 - 16:31

По три години од пожарот во тетовската модуларна болница, одговорност се уште нема

Пред три години на 8 Септември се случи една од најголемите трагедии кои ги памети земјава. Во ек на корона пандемијата, изгоре модуларната болница во Тетово, а со себе однесе и 14 човечки животи. 12 пациенти кои се лекуваа во болницата и двајца членови на нивните семејства. Причината која беше наведена за пеплосаната болница и загубените животи беше продолжен кабел кој изгорел. До денеска се уште нема одговорност за загубените човечки животи, а на местото каде беше модуларната болница и беа останати траги кои раскажуваа за една епска катастрофа, денеска по три години е изграден паркинг.

Семејствата на починатите во пожарот се уште ја бараат правдата. Во тетовскиот суд изминативе две години се водеше судски процес против двајцата тогашни директори на болницата Флорин Бесими и Артан Етеми , болницата како правно лице и против докоторот Бобан Вучевски. Судот одлучи да има ослободителна пресуда само за дежурниот доктор, а за двајцата директори за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, условни казни од година и шест месеци.

Но обвинителството се жалеше и апелациониот суд го врати предметот на повторно судење само за директорите и правното лице. Следното рочиште е на 25 овој месец.

Во истрагата за причините за пожарот кој само за неколку минути ја пеплоса целата болница беа вклучени и експерти од странство. Се истражуваше и како е градена болницата, кој ја дал дозволата за градба, зошто имало и други лица со пациентите заболени од ковид, дали доволно брзо се реагирало.

Тогашниот министер за здравство, Венко Филипче ја понуди својата оставка од морални причини, но екс премиерот Зоран Заев не му ја прифати. Политичките препукувања за чија е одговорноста за загубените животи продолжи низ годините.

Семејствата на починатите минатата година организираа марш и протест и во Скопје и во Тетово барајќи ја правдата за нивните блиски.