Македонија
29. July 2024 - 21:05

Кршење на работничките права во реалниот сектор

Дел од работодавачите не го почитуваат Законот за недела неработен ден, информираат од Гласен синдикат. За кршење на донесеното законско решение предвидена е казна 15 дена забрана за вршење дејност.  Работници постојано пријавуваат дека нивните права работодавачите не ги почитуваат.

-Во Македонска Каменица имаме случај работниците да работат по 3 пати во неделата по 11 часа, вообичаено по 8 часа, сепак се заведува дека работат само 2 часа дневно, односно, 10 часа неделно, што воопшто не е точно. Денеска е испратен инспекциски надзор поради ова. Во Битола работодавач решил дека треба да има непријавени работници и дека треба да ги држи затворени да работат прекувремена работа, на што веќе се реагира и се прават инспекциски надзори, изјави Кристина Ампева, Гласен синдикат-Штип

Во Свети Николе работници се префрлени од неопределено, на определено во друга сестринска фирма, а во штипска компанија, странска инвестиција, работодавачот го зголемил работниот ден на 10 часа.

-Веднаш беше реагирано таму, од страна на работодавачот беше разбрана сериозноста на ситуацијата, бидејќи и над газдите има некои други газди, така што ние како синдикат сме во состојба да реагираме веднаш, па и да го алармираме работодавачот во странската земја, изјави Ампева

Загрижува и иницијативата на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора за враќање на старото законско решение работниците да работат и во недела.

-Се додека нема реална евиденција на работното време и исплата на прекувремена работа и работа на празник, недела мора да остане неработен ден, додаде Ампева

Ампева алармира дека состојбата е повеќе од сериозна, зашто и во моментот реалниот сектор се соочува со недостиг на работна рака, а во иднина овој проблем се повеќе ќе се продлабочува.