Македонија
21. July 2016 - 8:39

Сертификати за туристички водичи на Кокино

На 50 лиценцирани туристички водачи кои поминале обука за водење  туристи на архео-астрономскиот локалитет Татиќев Камен - Кокино денеска ќе им бидат доделени сертификати.

На доделувањето ќе се обратат директорката на НУ Музеј Куманово Анита Цветановска,  менаџерот од Канцеларијата за економски развој на УСАИД Македонија, Татјана Марковска и националниот програмски координатор во Швајцарската агенција за развој и соработка, Анета Дамјановска.

Архео-астрономскиот локалитет Кокино е еден од можеби највредните локалитети во регионот, еднакво интересен за стручната јавност колку и за посетителите кои доаѓаат како туристи. За да го поддржи развојот на локалитетот, а во соработка и координација со НУ Музеј Куманово, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси донираше информативни табли, патокази, заштитна ограда за еден дел од локалитетот и го поддржа објавувањето на официјалната веб страна на Кокино – kokino.mk

Според прописите на Музејот, сите водичи кои сакаат да носат тури на Кокино треба да поминат обука за водење на обуките и да го најавуваат своето присуство на локалитетот во Музејот. Ова ќе овозможи повисок квалитет на турите, но и следливост на бројот на посетители на локалитетот, како и воведување систем на наплата на влезници, со кој ќе се обезбедат редовни приходи за понатамошно подобрување на инфраструктурата на и околу Кокино и одржување на локалитетот.