Дали дијабетичарите ќе останат без терапија?
Дијабетичарите стравуваат дека ќе останат без инсулин, останата терапија и помагала кои им се неопходни за живот, зошто во буџетот за идната година била предвидена иста сума како лани од 860 милиони денари, а во 2025- та треба да се распише нов двегодишен тендер за инсулинска терапија. Во меѓувреме според нив се зголемува и бројот на новодијагностицирани.
- Како Сојуз семе загрижени дека, поради недостаток на буџет, ќе се намали квалитетот на инсулин и терапија за лицата со дијабетес, што ќе предизвика трагични последици по здравјето и животот на 8% од населението (а претпоставките од лекарскиот кадар се дека има не-дијагностицирани уште минимум 2-3%). Трендот на појава на дијабетесот во нашата држава е нагорен, а за жал не гледаме дека Владата има соодветен одговор за да оваа популација да има најсовремена терапија и помагала за живот, изјави Димче Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.
Од сојузот ги прашуваат властите што се случува и зошто буџетот за нивната терапија е ист. Бараат да бидат вклучени заедно со националната комисија во креирањето на новиот двегодишен тендер за инсулин.
- Во 2025 треба да се распише нов тендер, а тоа значи а тендер со стари цени, тендер со стари постулати ќе значи намалување на квалитетот на терапијата, рече Велев.
Од министерството за здравство негираат дека дијабетичарите ќе останат без терапија.
- Потенцираме дека сите пациенти ја добиваат потребната инсулинска и антидијабетична терапија. Исто така, со новата двегодишна јавна набавка ќе биде обезбедена најсовремена здравствена терапија. Во соработка со надлежните институции континуирано се прават напори за обезбедување дополнителни средства за медицински помагала за пациентите со дијабетес, одговорија од здравство и посочуваат дека се отворени за сугестии од сојузот на здруженија на дијабетичари.
Во државата има 130.000 лица со дијабетес.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар