Македонија
3. April 2024 - 12:28

Родителите на деца со аутизам со години ги имаат истите проблеми

Без регистри, без рана детекција, без помош од државата, родителите на деца со аутизам на виделина ги вадат проблемите кои и после многу години се уште не се решени. Бројот на нови случаи на деца со аутизам постојано расте, но тој број е непознат.

- Еве и сега во предизборие ќе ветуваат се и сешто, меѓутоа, како можат да ветат решавање на било кој од нашите проблеми, кога во суштина нас не не консултираат? Еве и да не консултираат, ние немаме регистри, дали знаат колку деца со аутизам има? Не знаат, нема регистар за овие деца, а секојдневно гледам нови и нови деца, само во Штип има 10-тина деца на возраст од една до 3 години, кои од искуство знам дека се со аутизам,- изјави Зоран Мијалков, родител на деца со аутизам

Системски во државата скоро ништо не се прави, а оневозможена им е и странската помош од проста причина што секој бара да знае на колку деца треба да им се помогне.

- Никој нема да ти даде грант, кога не знае која бројка сме. Не сме видливи, додава Мијалков

Отворањето на сензорни соби по училиштата, според Мијалков, нема никакво значење доколку нема обучен кадар кој ќе работи на сензорна интеграција и може да се случи да има контра ефект.

- Најубаво да биде опремена, ако некој не знае како да работи со детето, може уште повеќе да му наштети одењето во таа сензорна соба. Значи, не е само да се направи нешто- изјави Мијалков

Посебно е тешко доколку почине еден од родителите или ако нема помош од останатите членови на семејството.

- Во мојот случај конкретно, доколку не е мајка ми, јас, за да се грижам за децата треба да напуштам работа. Тоа значи дека од работоспособен, ќе бидам социјален случај – вели Мијалков

Бидејќи со години наназад работите не мрднуваат од мртва точка, Мијалков стравува дека семејствата со деца со аутизам ќе бидат приморани да се иселат, за да може да функционираат во некоја нормална држава.