Македонија
17. August 2024 - 17:09

Рамадани да не биде вратен во Македонија, бара семејството – адвокатот уверува ќе му се суди на Косово

Косовскиот бегалец Блерим Рамадани да не биде биде вратен во Македонија- со вакво барање излегло неговото семејство, повикувајќи ги косовските власти да не го дозволат тоа. 

Адвокатот  на Рамадани, во изјава за косовска Коха, вели дека судењето на поранешниот војник на ОВК треба да продолжи во Косово. Од Македонија може да ги побара само сите документи за да се започне постапка, вели адвокатот Кочи. 

„Србија ги третира борците на ОВК како терористи. Во овој случај Блерими е на Косово, Македонија разбра дека е на Косово, сега го бараат македонските, но и српските власти. Косово не го екстрадира својот државјанин. Косово може да ги побара од Македонија сите документи, да го анализира случајот, да започне постапка и да го одржи судењето. Убеден сум дека дури и судењето да се одржи на Косово, Блерими ќе биде прогласен за невин“, рече Кочи.

Македонската полиција пак има распишана централна потерница по Рамадани. Од МВР за Сител велат дека официјална информација дали лицето е на територија на Косово не е добиена од Приштина. Се уште е активна потерницата распишана од страна на српските власти. 

Во ваков случај кога од македонска страна се бара со централна или национална потерница, Рамадани повторно ќе биде уапсен доколку биде најден во Македонија и ќе се започне постапка за екстрадиција. Исто се однесува и за било која држава, доколку биде уапсен, ќе биде екстрадиран по распишаната меѓународна потерница од Србија, објаснува адвокатот Јанаки митровски. 

Улицата во близина на куќата на поранешниот војник на Ослободителната војска Блерим Рамадани, во Урошевац, беше преплавена со транспаренти  „Те чекаме ослободителу“. Рамадани во четвртокот побегна од домашен притвор од адресата во скопски Чаир, откако беше уапсен минатиот месец, по потерница издадена од Србија.

Со активна српска меѓународна потерница, Македонија не може да покрене таква постапка бидејќи земјава не го бара за сторени дела на територија на Македонија или против државјанин на Македонија.