Бизнис
17. August 2023 - 16:33

Програмерите се и најплатени и најдефицитарни во земјава - Дел се вратија од странство и од тука работат за странски фирми

Со просечна плата над 1.500 евра програмерите и натаму се на врвот на листата најплатени професии. Во моментов се и најбарани. Нема невработен програмер.

Дури и оние кои заминале во странство – сега се враќаат дома, велат од софтверските компании. Еден од нив е и Филип, кој пред 7 години се вратил, основал компанија со уште 2 партнери и сега имаат клиенти од 60-тина држави во светот. Го направиле и здравствениот систем во Абу Даби, кој е најдобар во светот. Свесен дека овој кадер е дефицитарен на пазарот, основале и академија за програмери. 

- Пред 6-7 години кога се вратив во земјава, стручњаци од обаста со која се занимава компанијава имаше 10-тина, од кои 7 работеа во Телеком. Затоа направивме академија и од 2019 година до сега, преку неа поминаа 600 луѓе. Пазарот се развива, секоја година имаме се повеќе професионалци – рече  Филип Петровски, извршен директор на Дата мастерс

Компанијата изминативе години користела и држава помош, а премиерот Ковачевски вети дека поддршката ќе продолжи за сите кои инвестираат. Овие компании имаат обврска да отворат и нови работни места, но и да ги платат вработените 50% повеќе од просечната плата. Инаку оваа година пристаглае рекордни 470 апликации за поддршка, а до сега се склучени се 269 договори.