Балкан
8. August 2024 - 18:38

Повторно се разгоре пожарот на грчкиот остров Крит

Пожарот што вчера избувна во централниот дел на грчкиот остров Крит во општина Ретимно, поради силниот ветер се разгоре и сè уште не е ставен под контрола, евакуирани беа неколку населени места, додека противпожарните сили дополнително се зајакнуваат со пожарникари од Атина, а заедно со нив на островот заминува и надлежниот министер за климатска криза и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина.

Од бројот 112 за итни случаи во текот на денешниот ден беа испратени вкупно осум пораки, од кои седум за евакуација на жителите на населени места во близина на пожарот.

Во гаснењето интервенираат 250 пожарникари со 14 пешадиски тима и 54 возила, како и 13 авиони и девет хеликоптери, а помагаат и волонтери и цистерни од општините.

Пожарот избувна вчера, гаснењето траеше во текот на целата ноќ, сабајлево ситуацијата беше значително подобрена, меѓутоа поради силниот ветер имаше континуирани разорувања.