Македонија
11. December 2024 - 21:10

Институциите пред тест по проширувањето на црната листа

Проширувањето на црната листа носи порака и за правосудните органи и за политичарите, смета поранешниот член на антикорупциска, Горан Трпеноски. Според него, сега институциите треба да ги обезбедат сите докази до кои дошле и САД, а функционерите да сфатат дека нема недопирливи. 

„Сега е моментот да се покаже храброст и професионализам од судството и обвинителството кои се најкритикувани и со најмал процент на доверба. Сега имаат шанса да покажат дека не ги владее политиката, да соберат храброст. Дежава стои зад нив. И нема што тие да се плашат од политичари или од кој било да им врши притисоци“ – Горан Трпеноски, поранешен член на антикорупциска

Но од коалицијата за правично судење велат вакви постапки се отворале и порано, па многу често не сме виделе исход од нив.

„И претходно кога други лица што биле на црната листа на Америка биле инволвирани во кривични постапки што се водат тука кај нас, но многу често се случувало да не видиме конечен епилог од таквите постапки“ – Дарко Аврамовски, Коалиција за правично судење 

Минатата влада подготви измени во законот за рестриктивни мерки со кои лицата и фирмите кои поради корупција ќе завршат на американската или британската црна листа ќе имаат последици и во Македонија. Со нив се предлага суспендирање од јавна функција, неможност за кандидирање, учество во јавни набавки и слично. Законот од Влада беше испратен до Собрание, па повторно вратен назад. 

„Ако се донесе таков закон, тој е „смрт“ за политичарите. Мислам дека прво треба сериозно да се разгледа јавна расправа, да се види дали тој закон е применлив“ – Горан Трпеноски, поранешен член на антикорупциска

„Тоа би било некакво непотребно комплицирање на постоечките решенија кои веќе ги имаме веројатно за да се одбегне некаков впечаток дека ни се врзани рацете и немаме што да направиме“ – Дарко Аврамовски, Коалиција за правично судење

Од Владата за Сител велат дека и сега постојат законски основи по кои може да се покренат постапки против лица кои се нашле на црна листа на САД. 

„Во 2021 година е усвоен закон за меѓународна соработка во кривичната материја и во овој закон е предвидена можноста домашен надлежен орган во овој случај тоа е јавното обвинителство да испрати замолница за соработка во кривичната материја до надлежна институција на странска држава. Дополнително, со овој закон се овозможува и формирање на заеднички истражни тимови за истражување и гонење на кривични дела, а договорот за заеднички истражен тим го склучува државниот обвинител на Македонија“, велат од Владата.