Македонија
3. April 2024 - 16:33

Повторно ќе му се суди на Боки 13 за „Меѓународен сојуз“ – Апелација го врати предметот на повторно судење

Случајот „Меѓународен сојуз“ во кој поранешниот сопственик на телевизијата 1ТВ, Бојан Јовановски – Боки 13 беше неправосилно осуден на 9 години затвор ќе оди на повторно судење.

Апелација ги уважи жалбите на Боки 13 и татко му Миле Јовановски, како и на Јасна Ерцеговиќ Мандиќ и Христина Блажевска кои беа првостепено осудени. Апелација ја потврди и ослободителната пресуда за поранешната потпретседателка на Собранието Фросина Ременски. Уважена е жалбата и на правното лице „Меѓународен сојуз“ кој Кривичниот суд го задолжи да плати еден милион денари.

Пресудата се уште не е објавена во целост и од Апелација велат дека ќе биде прикачена на веб страницата во рокот определен со Закон.

Кривичниот суд, пред безмалку две години донесе три затворски казни, една условна и една ослободителна пресуда. Боки 13 доби 9 години затвор, Јасна Ерцеговиќ Мандиќ 4 години, Христина Блажевска 1 година, Миле Јовановски условна казна од 2 години, а Ременски доби ослободителна пресуда.

Обвинителството ги гонеше за измама и за перење пари. Според обвинението Преку невладината „Меѓународен сојуз“ двајца бизнисмени биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси.  Двајцата бизнисмени дале речиси еден милион евра.

Обвинетите уште од почетокот на судскиот процес тврдеа дека не станува збор за никаква измама, туку за реални проекти. Обвинуваа дека предметот е конструкција. Тогаш Боки 13 прстот го впери кон поранешниот премиер Зоран Заев за кој тврдеше дека го измамил и злоупотребил.

Боки 13 е веќе правосилно осуден на девет години затвор во случајот „Рекет“ за примање награда за противзаконито влијание и перење пари. Во тој предмет 7-годишна казна затвор доби и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.