Бизнис
10. February 2021 - 13:34

Петтиот пакет мерки ќе се финализира викенндов, ќе содржи опција за помош во плати и бескаматни кредити, вели Заев

Ние сме на крај на димензионирање на петтиот пакет мерки. Секако ги слушаме синдикатите, работниците, работодавачите, коморите, сите партиципиенти од овој процес и ќе носиме конечни одлуки. Конечноста на одлуката веројатно ќе биде сублимат  викендот на којшто ќе работи економскиот тим на Владата за да може да ги даде предлозите официјално и пред јавноста и пред  Владата и да почне со оформување на соодветните правни акти за нивно реализирање, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

-Во делот на мерките нормално дека слушнавме од страна на трудо-интензивните дејности, на многу други компании дека не може баш така да ја укинеме мерката субвенции преку плати, колку и да сака Владата да испрати порака за еден излез од кризата, за еден рестарт за еден почеток после криза која што треба да го зграпчиме сите и да испратиме пакети и мерки на мотивација и на охрабрување во делот на навлегувањето на инвестициските циклуси се со конечна цел зголемување на продуктивноста и профитабилноста на македонските компании, а со тоа и дигање на БДП, рече Заев на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата за енергетска транзиција.

Најави дека пакетот од околу 16-тина мерки ќе нуди и опција за помош во плати или за грантирање односно со бескаматни кредити со можност од сумата 10-30 проценти да биде во форма на грантови

 -Веројатно ќе имаме опционо нудење на оние големите пари во делот на директното помагање на компаниите заради зачувување на работните места, а тоа ќе бидат веројатно делот на плати за да може да го изберат граѓаните или да може да изберат бескаматни кредити со грантови коишто дефинитивно ќе им дадат можност да покрај првата опција доколку се профитабилни имаат обврска да ги враќаат средствата или дел да ги реинвестираат. Овде ќе добијат бескаматни кредити со можност од 10 до 30 отсто или колку ќе биде тоа димензионирано да добијат грант ако ја зголемат својата профитабилност, односно својот севкупен обем на производство кое што дефинитивно ќе биде локомотивата на влечење на економијата напред преку излезот од самата криза. Така што она што досега во дебатата се слушна токму према сите учесници во оваа дебатаа  тоа се граѓаните, работодавачите, работниците, синдикатите, коморите и сите, се изнедриа овие две решенија коишто верувам дека ќе смогнеме финансиска сила дополнително да ги следиме покрај сите други 15-16 мерки коишто ќе бидат секако утврдени, вели Заев.

Помошта на државата за граѓаните и компаниите со директни, конкретни буџетски средства  изнесува  1,1 милијарда евра  за време на ковидот, а директните плаќања само на стопанството се преку 350-360 милиони евра плус дополнително картичките на погодените граѓани. -Тој процес  тргна уште од 2017, 2018, 2019, 2020 година за време на ковидот ги достигна своите максимизација и така ќе продолжиме, нагласи Заев.