Бизнис
10. July 2017 - 14:45

Педесетина земјоделци од кумановско аплицирале за ИПАРД 2 програмата

Земјоделците од поширокиот кумановски регион пројавуваат значителен интерес за користење на мерките од ИПАРД 2 програмата, информираa денеска од подрачната канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

Досега, од почетокот на рокот од 24 април, годинава аплицирале приближно педесетина земјоделци.

- Досега најголем процент од апликациите на земјоделците од кумановско се однесуваат за мерката за инвестиции во материјални средства за земјоделски стопанства, особено оние кои одгледуваат житни култури, а помал дел на земјоделци кои одгледуваат градинарски култури, изјави Џабир Рамадани, виш советник за полјоделство во регионалната канцеларија од Агенцијата за поттикнвање на развојот на земјоделството-Куманово.

Тој ги повика земјоделците да ги разгледаат можностите, да се одлучат и да аплицираат, а со тоа да го модернизираат производството и да станат поконкурентни на пазарот на трудот.

Според праксата од изминативе години, земјоделците од регионот, најмногу аплицираат кон средината и пред крајот на завршување на огласот, кој годинава беше пронолгиран до 21 јули.

- Не треба да се чекаат последните денови. Сите што се заинтересирани слободно можат да дојдат во подрачната канцеларија и да се инфромираат, апелираше Рамадани.

Финансиските средства од ИПАРД програмата 2014-2020 се наменети за инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства, инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи и диверзификација на фармите и развој на бизниси.