Македонците онлајн пазарат од македонски продавници, главно облека
Социјални мрежи, телефонирање и видео повици. За ова најчесто Македонците го користат интернетот.
Но онлајн главно се купува облека. Нарачките кои македонските граѓани ги прават се главно до 50 евра.
Податоците на Асоцијацијата за е-трговија покажуваат дека Македонците најмногу купуваат од домашни продавачи, односно 88% од трансакциите се направени кон домашни компании. 18% купувале од ЕУ, а остатокот држави надвор од Европа.
Македонците купуваат ретко на интернет. Две третини од оние кои пазареле онлајн, тоа го направиле само еднаш или двапати во три месеци. Само 3% купиле до 10 производи за 3 месеци.
Иако нарачките се прават преку електронски уред, сепак Македонците сакаат да плаќаат во готово.
- Генерално преференците на македонскиот и балканскиот купувач се наплаќа кеш он деливери или со готовина. Регионот споредено со Европа има најниско ниво на сметки, иматели на платежни картички или најмалку користење на тие платежни картички. Значи, кешот е се уште доминатен платежен метод, вели претседателката на Асоцијацијата, Нина Ангеловска.
На пазарот, главно на социјалните мрежи сѐ уште има лажни продавачи на добра. За институциите да можат да реагираат, неопходно е граѓаните да ги пријавуваат измамите.
- Станува збор за независни платформи како што се фејсбук, инстаграм, тик-ток и останатите врз коишто државите немаат регулаторна контрола што значи мора да наоѓаме странични начини за справување со овој проблем. Секако остануваме отворени за граѓаните да пријавуваат кога ќе се случи, но многу повеќе треба да работиме на градење вештина на препознавање и во таа насока е и Центарот за побезбеден интернет на којшто работиме којшто ќе биде ресурс за граѓаните особено за помладите да можат да препознаваат ваков тип на измени на интернет и секако од особено значење ни е и луѓето коишто се злоупотребени да пријавуваат, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Годинава, 6% од сите трансакции во земјава се направени онлајн. Очекувањата се дека до 2028 година, обемот на онлајн трансакции ќе се зголеми до 7,8%.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар