Обвинувања за случајот Вања
Турција од следната недела ќе одлучува што ќе прави првоосомничениот за двојните убиства, Љупчо Палевски. Тој веќе четврти ден е во екстрадиционен притвор во Турција, а македонскиот министер за правда Кренар Лога е оптимист дека од Турција во најбрз можен рок ќе го испратат во земјава за да одговара пред органите на правдата. Но сепак, Палевски може да искористи и други правни механизми, па сепак конечната одлука ќе ја има Турција. Според пресметките на Лога, турските власти веќе од понеделник треба да ги разгледуваат нашите барања и да почнат да делуваат.
“Многу е рано да се зборува за што било како што кажавме и пред два дена. Релативно брзо ние очекуваме да биде испратен во Македонија, но треба да видиме дали ќе ги искористи сите правни лекови и дали системот во Турција ќе дозволи тоа да биде на начин како што ние побаравме. Испратени се документи неколку пати – преку ДХЛ, по електронски пат, преку нашето МНР и Амбасадата. Така што, верувам од понеделник натаму сите овие наши барања ќе бидат преземени во натамошната постапка во Турција.”
Политичките партии пак, продолжуваат со меѓусебни обвинувања за двојното убиство.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат одговор од МВР зошто не била распишана потерница по украденото возило на убиениот Панче кога била пријавено, односно 5 дена пред киднапирањето на Вања, со што според нив, можело да се спречи убиството на 14 годишното девојче.
Од СДСМ пак, сметаат дека опозициската партија го злоупотребува случајот со смртта на Вања, но сепак тврдат дека осомничениот Палевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски биле соработници во минатото.
Изјава- Даниела Маркоска, СДСМ
На социјалните мрежи по целонеделната мобилизација за организирање масовен протест за правда за убиеното 14 годишно девојче, денеска дојдоа 10 луѓе.
Пет лица во моментов издржуваат 30 дневен притвор во Шутка, кои се осомничени за помагање и поврзаност со убиството на Вања и Панче, меѓу кои и таткото на Вања, но и возачот кој го пренел Палчо од Белград во Турција.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар