Македонија
30. November 2016 - 18:20

Нови покриви за 100 индивидуални и колективни објекти во општина Карпош

Општина Карпош денеска започна со испорака на материјали за покривна конструкција за индивидуални и колективни објекти. Им се помага, соопштуваат од општината, на граѓаните кои аплицирале за промена на старите со нови покриви, со бел пластифициран ребрест лим, штафни и парна брана, како и комплет штрафови со капички и гуми за колективните станбени објекти.

Општината информира дека обезбедува исти материјали, но без штафни и парна брана и за индивидуалните објекти на територија на Карпош. Одлуката за фирмата која ќе го обновува покривот, е обврска на станарите.

Досега се пристигнати околу 100 барања за промена на покривите, но, одбрение добиле 21 индивидуален објект, како и 12 колективни станбени објекти.  За останатите се чека комплетирање на целосната документација.

 - Испорачан е материјал за една куќа на улицата „Прашка 16“, а исто така, моментно, се врши испорака и на улицата „Волгоградска“ број 8 за  колективна станбена зграда. Имајќи предвид дека истата зграда е земена за реконструкција со термичка фасада, тоа значи дека оваа зграда ќе биде подготвена и заштитена за наредните 30 години. Лимот е исклучиво бел, бидејќи се намалува топлината за одреден степен којшто се создава во текот на летниот период, рече градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој присуствуваше на испораката на материјалите. 

Јакимовски апелираше до сите граѓани на Карпош да аплицираат во наредниот конкурс за обнова на покривите.

- Ги повикувам сите ограѓани и куќни совети, по јануари, откако ќе го распишеме новиот конкурс за реконструкција на покриви и за поставување нови, да аплицираат во локалната самоуправа. За овие се уплатени средствата во фирмата, за сите објекти кои треба да се реконструираат и истата започна со вршење испорака. Очекуваме од граѓаните совесно да се однесуваат кон доделениот материјал и тоа да се заврши во најбрз временски период. За овој проект имаме одвоено околу 17 милиони денари или околу 300 илјади евра, рече Јакимовски. 

Со проектот, како што најави, планираат да продолжат и наредната година, а целта е за шест до седум години да се променат сите азбестни покриви и на куќите и на зградите.