Македонија
2. September 2024 - 16:33

Децата со попреченост останаа без асистенти на почетокот на учебната година

Стефан денеска тргна во шесто одделение во О.У Браќа Миладиновци во Скопје- со нови наставници, нови предмети и нова средина, но без образовен асистент. Стефан е дел од инклузивната настава, и му треба помош во совладување на материјалот, визуелизација и фокус на наставата, како и прилагодување на новите предмети во училиште. Бидејќи има и оштетен слух, образовниот асистент преку знаковен јазик и визуелни материјали му помага да ја разбере и следи наставата.

Покрај асистенти, на стартот на учебната година недостигаат и инстументи во училниците со кои ќе се прилагоди наставата на децата со попреченост, како смарт табли, принтани материјали, визуелизација на училишните предмети. Мајката на Стефан вели со месеци барале и од училиштето и од општината да им се обезбеди смарт табла, со што ќе се олесни наставата не само на Стефан туку и на другите ученици во одделението. Подавајќи си ги одговорностите училиштето и општината, на крајот самите морале да се снаоѓаат.

Во моментов на образовните асистенти на учениците со попреченост им се прекинати договорите и треба да потпишат нови. Би требало да започнат со работа кон крајот на овој месец.

Договорите им се на определено време од една година, откако е воведена инклузивната настава. Затоа и речиси секоја година учениците со попреченост првиот месец немаат асистент.

За предизвиците со кои се соочуваат асистентите, договорите на дело, без да се здравствено осигурани, не сакаа да зборуваат јавно пред да добијат нови договори, но дел од нви се огласија на социјалните мрежи.

Официјално нема точна бројка колку ученици со попреченост се вклучени во образовниот процес, а колку не. Според МОН, бројката ја утврдуваат од тоа колку ангажирани образовни асистенти има по училиштата. Минатата година биле 815, а годинава ангажираа уште 200 нови кои кога ќе ги поминат обуките ќе започнат со работа. Министерката Весна Јаневска, апелира до родителите да нема загриженост бидејќи училиштата имаат инклузивни тимови составени од дефектолог, психолог и социлог кои имаат обврска да се грижат за децата со попреченост, се дури асистентите започнат со работа. До крајот на учебната година, ветува дека ќе се обезбедат и потребните инструменти во училиштата за на овие деца да им се олесни наставата.

Дел од родителите на децата вклучени во инклузивната настава велат, таа дава ефект и покрај предизвиците, но сепак има уште многу работа.

 

Со овој прилог, ТВ Сител се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во рамките на проектот „Користи факти“.