Македонија
27. July 2024 - 17:12

Закани по живот на пратеници од ДУИ и нивни семејства

Смртни закани на пратениците од ДУИ им биле испратени на е-мејл адресите. Освен заканите по нивниот живот, во пораката е напишано дека ќе им се наштети и на нивните семејства, а пораката завршува и со националистичка содржина за со зборовите “Чиста Македонија”. Заканувачките содржини се испратени до осум пратеници на ДУИ, од непознат испраќач. 

Од партијата случајот го пријавиле во полиција во четвртокот, а од МВР информираа дека единицата за компјутерски криминал го расчистува случајот.

- Министерството за внатрешни работи информира дека вчера во 13.58 часот во Полициската станица Центар, претставник на една политичка партија пријавил дека на 23.07.2024 околу 18.15 часот од непозната електронска адреса на службените електронски адреси на неколку пратеници во Собранието на РСМ била испратена порака со заканувачка содржина. За настанот е известена Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од полицијата. 

Заканувачките пораки на пратениците на ДУИ нема да ги поколебаат да се откажат од нивните определби, вели координаторот на пратеничката група, Блерим Беџети. Пријавата најпрво не им ја прифатиле во полиција зошто ја пополните графата на албански јазик, па им ја испраќале по пошта. 

Пораките предизвикаа и загриженост кај претседателот на Собранието, Африм Гаши. Го осуди секое насилство во било која форма и оцени дека институциите се способни да го пронајдат испраќачот на мејловите.

- Пратениците се директно избирани од граѓаните и додека слободата на говор е неприкосновена, таа не смее да ја загрозува слободата на другите. Анонимноста во испраќањето такви пораки или на социјалните мрежи може да му даде на испраќачот чувство на неказнивост, но мора да признаеме дека нашите институции се активни и способни. Претседателот Гаши е уверен дека испраќачот ќе биде идентификуван и соодветно санкциониран. Во демократско општество нема место за закани ниту за вознемирување во било која форма, се нагласува со соопштението од кабинетот на Гаши.

Подигнување меѓуетнички тензии, наметнување на погруб наратив е едно од можните сценарија зошто биле испратени овие пораки, смета аналитичарот Алберт Муслиу.

По примерите во светот за напади врз политичари, овие пораки треба да се земат сериозно, а институциите веднаш да постапат, вели аналитичарот Петар Арсовски. 

И од Алијанса за албанците ги осудија писмените закани, за како што велат да се спречи насилство во иднина.

Доколку некој од пратениците се чувствува загрозено има право да побара полициско обезбедување, а МВР прави проценка дали има причина да им обезбеди заштита.