Свет
22. јуни 2018 - 11:26

Невремето уби градоначалник во Полска: Десетици повредени, стотици уништени згради - пустош по страшната бура

Во силната бура која ноќеска премина во Полска загина градооначалникот на Воломин кога врз него падна гранка.

Уште најмалку десет луѓе се повредени, а без струја останаа дури 330.000 домаќинства.

 
„Едно лице загина, а најмалку десет се повредени во невремето во текот на ноќта. Оштетени се 291 зграда, од кои 185 станбени куќи. Пожарната служба излезе на терен да интервенира најмалку 4.300 пати, соопшти денеска портпаролот на полската противпожарна служба, Павел Фронтчак.
 
Градоначалникот на Воломин близу Варшава Роберт Маковски загина кога врз него силниот ветер скрши гранка која го пригмечила, а соборените дрва и гранки се виновни за повредите и на други луѓе.
 

На северот од Полска во Кујавско- помераниското војводство повреден е пожарникар кога се обидел да го санира оштетениот покрив, а врз еден работник во Горзова Вјелкополски ветерот урнал ѕид.

Во текот на ноќта поради искинати и паднати водови и пожари без струја останаа 330.000 домаќинства, а утрово тој број спадна на 74.000.

На терен излегоа околу 20.000 припадници на противпожарната стража, а најчесто за да ги отстранат паднатите дрва и гранки, при што најмногу работа имаше во Мазовјецкото војводство чиј центар е Варшава.