Македонија
22. November 2024 - 16:55

Шекеринска на средба кај Сиљановска

Откако телефонски разговарале, претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска лично и ја честиташе функцијата на Радмила Шеќеринска, заменик генерален секретар на НАТО. На средбата во Вилата Водно која траеше речиси еден час, ниту една од страните не соопшти детали за што се разговарало. 

Сиљановска потврдувајќи ја комуникацијата со Шеќеринска порача дека ова е престижната функција, која е од големо значење, не само за неа, туку и за државата. 
Шеќеринска која станува втор човек на Алијансата преку социјалните мрежи се заблагодари за поддршката и порача дека пред неа е одговорност која бара целосна посветеност и работа на теми кои се клучни за глобалната безбедност и стабилност. Најави дека ќе биде посветена на меѓународниот мир, соработка помеѓу земјите членки на НАТО.

Македонската влада без дилема ја поддржала кандидатурата на Шеќеринска, а премиерот Мицкоски информираше дека и телефонски разговарал со неа. Порача дека и покрај различните политички идеологии, мора да соработуваат заедно за да и се помогне на македонската армија, а со тоа и на безбедноста на Македонија. 

Новоназначената заменик-генерална секретарка на НАТО Радмила Шеќеринска, попладнево организираше прием по повод изборот на функцијата во еден скопски хотел. Според најавите од НАТО, Шеќеринска ќе ја преземе функцијата до крајот на годината.