Со 2 милиони евра од унгарскиот кредит, Штип ќе гради обиколница
Општина Штип со пари од унгарскиот кредит ќе гради обиколница. Тендерот за изградба е распишан и ќе трае 30 денови, а веднаш по изборот на изведувач и евалуација на проектот, ќе се започне со градежни активности. Од 100 милиони евра за поддршка на локалните самуправи, Штип го следуваат 2 милиони евра.
- Затоа го прилагодивме овој проект да се вклопи во тој финансиски износ и да може во целост да се реализира. Секако дополнителни фази од реализацијата на пректот ќе бидат оставени за следната година, коишто ќе овозможат пуштање во употреба на оваа обиколница, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип
Новата обиколница ќе се протега од приградската населба Железничка до месноста Рибник, кај бања Кежовица. Покрај растеретување на сообраќајот, овој пасивен предел ќе може урбано да се развива.
- Ќе овозможи полесно поврзување на жителите од останатите населби, побрз проток на возила, но крајната цел е да се создаде развој и можност за зони за домување и индустрија, нешто што на градот му е неопходно. Перспективно планираме развој на овој дел од градот и можност за урбанизација, додаде Јорданов
Обиколницата ќе се гради по сите европски сообраќајни стандарди, ќе биде во должина од 2,9 километри, широка 13 метри и ќе ги поврзува влезовите на Штип од Струмица и Скопје. Краен рок за финализација на проектот е за една година.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар