Македонија
21. November 2024 - 19:46

Вонредна седница на Владата: ЈСП ќе добие нафта од државните резерви

ЈСП ќе добие нафта од државните резерви. Владата одржа вонредна седница и директно се вклучи во решавање на хаосот со јавниот превоз во Скопје. 

„Се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија,  можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. Со ова се овозможува да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата. Денес меѓудругото

Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје“ – Венера Љатифи Азизи, портпаролка на Владата

Засега не се знае колкави количини нафта ќе добие ЈСП, а нема информација ниту кога автобусите ќе се вратат во сообраќај. 

Oд Град Скопје задоволни што Владата го реши проблемот.

„Ја поздравуваме одлуката на Владата со која конечно се докажа дека секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает и дека доколку јавниот интерес е на прво место можно е конструктивно да се делува во интерес на граѓаните. Потсетуваме дека Владата се уште има долг од 500 милиони денари кон ЈСП Скопје за студентскиот стандард и бесплатниот студентски превоз, со кои ќе се стабилизира во целост состојбата во претпријатието“.

Ова следи откако втор ден Скопје е оставено без јавен превоз поради тоа што автобусите на ЈСП немаат нафта. Низ градот возат само 25 автобуси кои користат гас. Иако постојките денеска не беа полни како вчера, сепак имаше граѓани кои немале друг избор освен да се смрзнуваат и чекаат превоз. 

Поради лошата состојба во јавниот превоз за утре е најавен протест пред бараките на Град Скопје во 13:30 часот.