Македонија
4. March 2016 - 14:21

МОСТ: ДИК да издаде прецизно упатство за пријавување сомнителни податоци во Избирачкиот список

Граѓанската асоцијација МОСТ денеска соопшти дека бара од Државната изборна комисија (ДИК) да го појасни правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење податоци во Избирачкиот список, како и постапка за спроведување теренска проверка заради негово ажурирање.

- Во текот на вчерашниот ден ДИК ја објави новата интернет страница која нуди опција за проверка на подетални податоци во Избирачкиот список. На овој начин граѓаните првпат, покрај можност за проверка со внесување на ЕМБГ, имаат можност да ги проверат и останатите податоци во ИС преку внесување адреса на живеење, како и име и презиме. По објавувањето на оваа нова можност за проверка на податоците се појавија индиции за (не)точноста, но и голем број нејасности на начинот на кој граѓаните можат да ги пријават овие нерегуларности, стои во соопштението на МОСТ.

Доколку при проверка во Избирачкиот список објавен на интернет сраницата на ДИК се утврди дека некој граѓанин не е запишан во Избирачкиот список или дека треба да се изврши запишување, дополнување или бришење на податоците кои ги содржи Избирачкиот список, согласно член 48 од Изборниот законик, став 2, секој граѓанин има право да поднесе барање до Подрачното одделение/канцеларија на ДИК за запишување, дополнување или бришење на податоците со кое ќе приложи и соодветна документација. 

- Иако е објавена информацијата за тоа дека секој граѓанин може да поднесе барање за промена на податоци во ИС, ја повикуваме ДИК паралелно да го прецизира „Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење податоци во избирачкиот список, како и постапка за спроведување теренска проверка заради ажурирање на истиот“ за граѓаните да ја разберат процедурата и да ја спроведат ефикасно, брзо и едноставно. Во овој Правилник недостига упатство за начинот, како и неопходните документи кои граѓаните треба да ги поднесат при различни ситуации кои се појавуваат на ИС, а не се предвидени и опфатени со него, се наведува во соопштението од МОСТ.

МОСТ ја повикува ДИК да делува брзо, одговорно и транспарентно.