Мизрахи обвинува за партизација на центрите за социјална работа, дополнителната заменичка тврди дека Мизрахи работи против граѓаните
Нефункционална е реформата во труд и социјала за интегрирано управување со случаи за социјална заштита, односно еден службеник да ги работи и правата и услугите, тврди техничката министерка. Рашела Мизрахи обвини за партизација и притисоци во Центрите за социјална работа од страна на вработени во кабинетот на заменичката Санела Шкријељ. За ова приложија и комуникација со директорите кои со слични реченици тврдат дека реформата е добра и биле подготвени, а на терен според Мизрахи состојбата била поинаква и на системот му се заканувал колапс.
-Сите директори едногласно одговорија. Малку е симптоматично кога ќе добиете одговори од сите директори на ЦСР во кои буквално има исти реченици. Не можевме да претпоставиме што се случувало во позадина, а од новинарите вчера дознавме дека имало комуникација во која се даваат насоки од кабинетски службеник на дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ како директорите да одговорат. Овој систем ќе биде дисфункционален баш во периодот на предизборието што остава место да се размислува за манипулација преку МТСП од страна на дополнителната заменик министерка, рече министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.
Реагираа од кабинетот на дополнителната заменичка. Тврдат дека Центрите за социјална работа функционирале без пречки, а Мизрахи работела против интересите на граѓаните. Реформата била направена во соработка со домашни и странски експерти.
-Законот дефинира дека стручните работници во работа со кориснисците на социјална заштита го применуваат принципот на водење на случај, што подразбира еден стручен работник да работи со едно домаќинство, истовремено се проценуваат потребите и се даваат права и услуги. Со тоа на граѓаните им се олеснува пристапот до правата и услугите. Ако се стремиме кон ЕУ треба да ги следиме европските и светските трендови на имплементирање на методот на интегрирано водење на случај, како најдобра пракса за корисниците на правата и услугите од областа на социјалната заштита, се вели во реакцијата од кабинетот на Шкријељ.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар