Македонија
13. March 2025 - 16:33

Државата за две години потрошила 8 и пол милиони евра само за набавка на нови автомобили

За две години државните институции потрошиле 8 и пол милиони евра за набавка на нови возила, покажа новото истражување на Центарот за граѓански комуникации.

Само во 2023-та и 2024 година, набавени биле 269 нови автомобили. 

Дел од институциите ги купиле возилата, а друг дел ги земале на лизинг, најчесто оперативен, што значи дека по истекот на рокот ќе треба да ги вратат, а за возилата платиле исто како да ги купиле.

Анализата на ЦГК покажа дека најскапо возило од над 55 илјади евра набавила општината Шуто Оризари. 

„55 илјади евра службено возило за општина е скапо и нерационално трошење на парите, колку и да е богата таа општина, а не нашите општини коишто голем дел се со долгови, со блокирани сметки, им дава државата, односно Владата, пари за проекти, значи немаат доволно пари. Мислам дека купувањата на вакви работи треба да ги усогласат со своите буџети. Значи, да бидат соодветни на парите што ги имаат, а исто така, треба да се погледне и просечниот стандард на граѓаните коишти го полнат буџетот, па да се види дали граѓаните можат да возат возила од 55 илјади евра“ – Герман Филков, Центар за граѓански комуникации

Најмногу возила, пак, набавиле ЕСМ. За 82 возила потрошиле над 2 милиони евра. Речиси исто толку пари, за двојно помалку возила платила Владата, за 45 возила на тригодишен лизинг.

Овие автомобили, според извештајот, меѓудругите, ги користат и поранешните претседатели Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов, Вилма Трајковска и Стево Пендаровски, како и поранешните премиери Талат Џафери и Димитар Ковачевски.

Во истражувањето се само набавките на патнички возила и не се опфатени товарните и работните возила. Исто така, вклучени се само новите, а не и набавените половни возила.