Македонија
13. March 2025 - 16:34

Мицкоски: 5% од судиите и обвинителите се последниот штит на криминалите на владата СДС-ДУИ

Без да му го спомене името, премиерот Мицкоски и денека алудираше дека шефот на ОЈО ГОК Ислам Абази се обидува да ја саботира истрагата за милионски криминали со набавката на мазут. 

Премиерот е дециден дека во судството нема место за партиски измеќари, а 5% од судиите и обвинителите се токму тоа, последниот браник и цврст штит на поранешната коалиција СДС ДУИ.   

Најголемиот дел, би рекол 95% од обвинителите и од судиите се луѓе коишто чесно си ја работат својата работа, коишто обвинуваат и судат според законите и Уставот. Но, за жал, има и такви коишто останаа да бидат партиски измеќари. Посебно би го потенцирал однесувањето на еден обвинител од пред неколку дена, којшто, наместо да биде обвинител и заштитник на владеењето на правото и правдата, одлучи да биде верен слуга и измеќар на една партија што беше долги години на власт и дел од коалицијата во поранешната влада – рече Мицкоски.

Од СДСМ пак со контра обвинување. Опозицијата тврди дека токму власта во изминатите 9 месеци има склучено 170 тендери во Пуцко Петрол, чиј сопственик Асмир Јахоски е осомничен за перење на милионски суми при набавката на нафтени деривати.

ДПМНЕ подобро е да молчи кога станува збор за Пуцко Петров и за Ратко Капушевски. Јавноста знае дека тоа е бизнис изроден во времето кога ДПМНЕ и ДУИ беа коалиција. СДСМ веќе и соопшти дека институциите и општините кои се раководени од ДПМНЕ имаат склучено 170 договори токму со Пуцко Петров, ова се тие документи. За тоа одговор треба да даде ДПМНЕ. СДСМ секако дека ја поддржува истрагата и очекува целосно расветлување на случајот, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ 

Иако со истрагата е опфатен Јахоски кој е син на актуелен пратеник на ДУИ, а меѓу осомничените се и други членови на партијата на Ахмети, ДУИ е единствената партија која веќе трет ден молчи за милионските криминали, но нема испратено писмено соопштение ниту на една друга тема.