Македонија
26. February 2024 - 16:40

Македонците бараат алтернативи за да отидат во европските држави со пасоши со „Република Македонија“

Го најдоа ли Македонците патот до Европа со стар пасош? Влез во Србија со лична карта со „Северна“, па влез во Хрватска со „Република Македонија“ и оттаму кон европските држави.

Македонското МНР се уште нема официјален список на држави чии граници се отворени за старите пасоши, па оние граѓани кои имаат неодоложни обрски во странство се принудени на своја рака да се обидат да влезат во европските земји.

Марко Илиевски, кој од минатиот месец претстојувал во Лас Палмас, на шпанските канарски острови вчера пристигнал во Македонија преку Мадрид и Софија без притоа да му биде побаран патен лист. Не сакаше да говори пред камера, но во телефонски разговор вели дека имал долга комуникација со македонската амбасада во Мадрид од каде го убедувале дека без патен лист нема да му биде дозволено да ја напушти државата. Меѓутоа, ниту Шпанците, ниту Бугарите не му направиле проблем, ниту на аеродром, ниту на бугарско-македонската граница.

-Дечки патував Лас Палмас - Мадрид, Мадрид - Софија, Софија - Скопје со стар пасош. Никој не направи проблем. Амбасадата на Македонија во Мадрид ме убедуваше дека ми треба патен лист, али ете другите земји имаат повеќе респект према нас него оваа Северџганска влада. Ден поскоро да си го вратиме името бидејќи Преспанскиот договор не може да продуцира право и сево ова кое е негов производ е тешка небулоза, вели во кратката објава.

И додека дел од македонските граѓани бараат начини како да го изиграат системот, во Одделот за управни работи се уште е хаос. Граѓаните чекаат со часови за да бидат сигурни дека без проблем ќе можат да стигнат до посакуваната дестинација.

„Се повеќе граѓани се обидуваат со стари пасоши да излезат од државата, преку Србија со нови лични карти. Дали би се обиделе такво нешто?“

-Не, не, не. Јас не ризикувам никогаш. Не. Само што овие ми траат до 2030 година, сега брзо ги вадевме, ама тоа е тоа.

-Не, не, не тоа не можам. Сакам да е исправно се.

„До кога ќе чекате?“

-Па ми рекоа ќе ми се јават. Е сега, дали ќе се јават, ќе видиме.

-Би пробал зошто да не? Србија може да се оди, Косово може да се оди, Албанија може да се оди...

Без официјален список на држави кои примаат македонски државјани со пасоши со „Република Македонија“, во јавноста има разногласие околу тоа каде може да се патува. Во отсуство на заедничка одлука на земјите-членки на ЕУ, секоја членка сама треба да донесе одлука. Официјално влез со стар пасош дозволуваат Албанија, Косово, Швајцарија и Полска.