Бизнис
3. September 2015 - 15:18

Изедначени и зголемени платите на вработените во АВРМ

Министерството за труд и социјална политика и Синдикатот на администрацијата и државната управа првпат по 30 години потпишаа Колективен договор за уредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Агенција за вработување на Република Македонија. Со Договорот, меѓу другото се исправа и триесетгодишната нееднаквост и разликата во платите на вработени на исти работни позиции и со исти задачи. 

- Тоа значи дека од сега вработените на исто работно место од исто ниво ќе имаат ист број на бодови на плата со иста вредност. На тој начин анулираме еден недостиг и ќе претставува дополнителен стимул за вработените за постигнување уште подобри резултати во работата. Агенцијата за вработување е важна институција на кого се потпираат општите политики и стратегии за зголемување на вработеноста во државата, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов по потпишувањето на договорот.

Појасни дека до сега вработен со средно образование како архивар, книговодител, благајник вработен во Центарот за вработување земал плата во износ од 14.000 денари, а сега по потпишувањето на колективниот договор ќе зема 16.000 денари, шалтерски работник-виш референт остварувал плата во износ од 16.000 денари, а сега ќе изнесува 20.000 денари.

Вработените во центрите за вработување со високо образование како соработник за услуги за поддршка при вработување земале плата од 18.000 денари, а по потпишувањето на овој колективен договор ќе земаат 24.000 денари. За оваа цел издвоени се средства за зголемување на платите на годишно ниво од 28.800.000 денари за 490 вработени.

До сега во централната служба на Агенцијата и 30-те центри за вработување не постоел унифициран правилник кој би бил основа за исплата на платите, што значело постоење на висока разлика во висината на платите за вработени од различни центри кои работат на исто работно место.

- Работничките права се мерила на демократските капацитети на една држава.  Тие не се и не треба да бидат статични, напротив, нивното унапредување е нешто за кое постојано се залагаме. Вработениот без разлика дали во јавниот или приватниот сектор, мора да се чувствува вреднувано и сигурно, рече министерот за труд и социјална политика.

Првпат, додаде Спасов, се уредуваат и суштински прашања како прашањето за одмор и отсуство од работа, потоа безбедност и здравје при работа, синдикат и услови за работа на синдикат и низа други прашања од интерес на работниците.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски истакна дека на ваков начин еднаш за секогаш се решава неправда и оти одсега сите лица кои работат на исто работно место во АВРМ ќе имаат иста почетна плата.

Додаде дека и во иднина ќе се продолжи со унапредување на условите за работа на вработените кои, како што рече, придонеле Агенцијата да стане квалитетна институција која за кратно време ќе го достигне целосно европскиот начин на работа.

Претседателот на Синдикатот на администрацијата и државната управа, Благоја Ралповски истакна дека со потпишувањето на овој договор се исправа една, како што рече, децениска неправда и грешки од минатото.

Ова, рече тој, е уште еден доказ дека социјалниот дијалог во Република Македонија е на високо ниво.

Со ваквиот став се согласува и неговата колешка, претседател на основна синдикална организација на САДУ при АВРМ Марија Тодоровска, која истакна дека историскиот чин го гледа во фактот што по 30 години се исправа неправда, но и оти по тој период се дошло до потпишување на првиот колективен договор во оваа институција.