Македонија
26. February 2025 - 16:42

Интерпелациите за Судскиот совет на седница до 10 март

Интерепелациите за членовите на Судскиот совет ќе се најдат на седница најдоцна до 10 март. Во Собранието вчера пристигнале одговорите од Дамева, Црвенковска, Адеми, Чочарова – Илиевски и Мустафа. 
Откако до крајот на неделава одговорите ќе бидат преведени тие ќе им бидат дадени и на пратениците. Тие пак, во рок од 10 дена треба да ги разгледаат аргументите што во своја одбрана ги дале петмината члена на Судски кои на функциите дојдоа избрани од парламентот.

Во меѓувреме, членовите за кои власта бара одговорност поради лошите состојби во Советот и судството и понатаму велат дека не се чувствуваат одговорно. Интерпелациите, за нив биле дискриминаторски бидејќи биле поднесени само за неколкумина од Судски и биле мешање на законодавната во судската власт.

Некои од нив дури се надеваат и на позитивен исход од гласањето на пратениците за нивната работа.

Законодавниот дом нема моќ да ги разреши членовите на Судскиот совет, но премиерот Мицкоски во неколку наврати рече дека интерепелациите ќе бидат силна порака дека не уживаат доверба и се надева на оставки.

Во знак на незадоволство за нивната работа, Собранието пред Нова година не го усвои ни Извештајот за работата на Судскиот совет. Во правда пак, се подготвуваат измени на Законот токму во делот на изборот и одговорноста на сите членови на Судскиот совет.