Мицкоски: Маркетите кои картелски се здружуваат, ќе одговараат
Над 47 милиони евра ќе треба да платат 4те маркети, ако се потврди сомнежот на Комисијата за заштита на конкуренцијата дека картелски се здружувале и договарале цени. Сумата која Сојузот на стопански комори ќе ја плати, дополнително ќе се утврдува, откако ќе го достави Билансот на успех за 2023та година. Согласно законот, казните за маркетите изнесуваат 10% од вкупиот годишен приход, додека за ССК e 1 отсто. КЗК поведе прекршочна постапка против ланците маркети поради сомнении дека во просториите на Комората се договарале да не примаат нови ценовници минимум до крајот на првиот квартал годинава, со што ССК влијаел да се стекне перцепција и кај другите претпријатијата кои вршат продажба на стоки на мало во неспецијализирани продавници, како и кај добавувачите дека ваквиот договор е постигнат помеѓу сите учесници на пазарот и со тоа да влијае на однесувањето“, стои во Заклучокот од КЗК.
Секој кој картелски се здружувал, ќе сноси одговорност, потврди и премиерот.
Секој оној којшто мисли дека со трикови ќе се служи има Закон и ќе сноси одговорност соодветно на законот. Сите оние коишто мислат дека картелски ќе се здружуваат има Закон и ќе бидат одговорни пред законот. Сите оние коишто мислат дека на грбот на народот ќе се богатат, тоа ние како Влада нема да го дозволиме, рече премиерот Мицкоски.
Во заклучокот на КЗК се додава и дека со ваквото договорање фирмите ја замениле состојбата на непречена конкуренција на пазарот со состојба на практична соработка, чија цел е нарушување на конкуренцијата преку утврдување на заедничко однесување кон добавувачите, што претставува прекршок.
Првиот човек на ССК е изненаден од одлуката на КЗК. Смета дека не постои основ за ваквата постапка и затоа бара уште еднаш да се разгледа случајот.
Дел од членките пак, од истата комора, велат дека со ова сериозно е нарушен кредибилитетот и угледот на Комората пред бизнисот и јавноста. Дополнително ќе одлучуваат дали ќе се бара одговорност од првите луѓе на Комората.
Од Антимонополска не сакаат да го коментираат случајот, додека не заврши рокот од 8 дена, кога инволвираните треба да ги достават билансите за успех за 2023та година. Против овој заклучок, согласно законот, не е дозволена жалба, ниту тужба за поведување на управен спор.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар