Свет
23. February 2016 - 23:15

ОН го поздрави планот на Обама за затворање на Гвантанамо

Високиот комесар за човекови права на Обединети нации Зеид Рад ал Хусеин го поздрави планот на американскиот претседател Барак Обама за затворање на затворот Гвантанамо.

- Затворот во американската воена база на Куба беше голема дамка во областа на заштита на човековите права и репутацијата на САД во последните 14 години. Сите затвореници од Гвантанамо треба да бидат префрлени во редовни затвори во САД или во други држави, каде ќе добијат право на праведни процеси во граѓански судови во согласност со меѓународните норми, посочи ал Хусеин.

Тој додаде дека ако нема доволно докази за да бидат обвинети тогаш затворениците треба да бидат ослободени и да бидат вратени во нивните татковини или во друга земја ако во нивните земји станат објект на истрага.

Американскиот претседател Барак Обама денеска изјави дека не сака да го остави Гвантанамо на својот наследник, додавајќи дека затворот ја поткопува националната безбедност и оти треба да се затвори.

- Затворот Гвантанамо е контрапродуктивен во борбата против тероризмот, бидејќи се користи како антиамериканска пропаганда за регрутирање на терористи и ги троши воените ресурси, посочи Обама.

Во меѓувреме, Белата куќа го претстави планот на Обама за затворање на Гвантанамо, но наиде на голем отпор во Конгресот, каде мнозинство имаат републиканците.

Обама апелира до Конгресот да се одржи фер седница за неговиот план.

Планот поредвидува трансфер на преостанатите притвореници во САД, а од Конгресот се бара да одобри 475 милиони долари за изградба или оспособување на затвор, со што би се заштедиле до 180 милиони долари од секојдневната работа на притворските единици.